Д-р Благој Неновски е вонреден професор во научната област Компјутерско инженерство, информатика и роботика на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Неговиот академски пат започнува на Техничкиот факултет во Битола, каде дипломира во 2009 година со највисока оценка, а подоцна ја продолжува магистерската и докторската едукација во областа на информатиката и компјутерската техника.
Во 2020 година ја одбранува докторската дисертација на тема „Примена на проширена реалност за временско истражување на просторот“, стекнувајќи го академскиот степен доктор на науки.
Од 2015 година професионално е ангажиран на Правниот факултет во Кичево, каде од асистент-докторант напредува низ академските звања до вонреден професор во 2025 година. Неговата наставна дејност е фокусирана на првиот и третиот циклус студии, преку предметите Информатика 1, Информатика 2 и Примена на ИКТ во научно-истражувачката работа.
Од 2021 година е координатор на одделението за ИКТ подготовка на правници, каде се фокусира на пресекот меѓу правото и информатичките технологии, истовремено проектирајќи и реализирајќи софтверски ИКТ решенија за потребите на институцијата.
Неговата научно-истражувачка дејност опфаќа учество во проекти, од кои се издвојува истражувањето за зависноста од интернет кај студентската популација за време на пандемијата со COVID-19. Како експерт во областа, д-р Неновски често е вклучен во меѓународни иницијативи како говорник и модератор. Има одржано излагања на вебинари организирани од Centre for Europe (University of Warsaw) и Centre for International Relations, каде дискутирал за теми како што се дезинформациите, deepfake технологијата, вештачката интелигенција и сајбер безбедноста. Во 2024 година, даде свој придонес и како судија на предизвикот WMGIX X NATO Countering Disinformation.
Д-р Неновски е посветен и на општествено одговорни проекти. Ангажиран е како обучувач за подобрување на дигиталните вештини на жени осуденички, како и во проектот „Digital Empowerment Initiative for Roma Women“. Неговата експертиза е поддржана со бројни меѓународни сертификати.