Истражување

Истражување
Целта на истражувањето е преку научно-истражувачките методи применети во емпириското истражување да се даде научна дескрипција и објаснување на сајбер насилството меѓу учениците во училиштата во РСМ.

Цел и придонес на истражувањето

Целта е да откриеме кои се перцепциите на учениците во однос на сајбер насилството и да се обидеме да откриеме на кое ниво на разбирање и препознавање е сајбер насилството од страна на учениците, како и за нивното лично искуство и виктимизација.

Истражувањето ќе придонесе да се подигне свеста на наставниот кадар и учениците за последиците од сајбер насилството, како и охрабрување да го пријават секое однесување кое е поврзано со истото.
 

Сајбер насилство

Истражувачки прашања

  • Колку често и во какви форми се јавува сајбер насилството меѓу учениците во училиштата?
  • Каква е врската помеѓу употребата на дигиталните платформи и ризикот од учество (како жртва или сторител) во сајбер насилство?
  • Кои фактори го зголемуваат или намалуваат ризикот за појава на сајбер насилство?
     

Методологија и дефинирање на примерокот

За реализација на истражувањето и постигнување на поставените цели и задачи беа избрани 32 основни и средни училишта на подрачјето на осумте плански региони во Република Северна Македонија (по две основни и две средни училишта од секој плански регион, односно по 16 основни и 16 средни училишта вкупно) и беше добиена дозвола од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, по претходно барање на истражувачкиот тим.

Пред почетокот на теренското истражување беше изработен протокол за реализација на истото. Во него е објаснета целта на истражувањето; целната група; одредени етички аспекти; како и процедурата за теренско спроведување на истражувањето во пет чекори.

Изборот на примерокот на ученици кои учествуваа во истражувањето беше повеќеетапен намерен, со планирани по 50 ученици од најбројните училишта во двете најбројни општини од секој плански регион, при што се водеше сметка за приближно еднаква полова дистрибуција. Исклучок претставува Североисточниот регион, каде Крива Паланка е трета најбројна општина, а беше избрана откако истражувачкиот тим не успеа да оствари контакт со двете училишта во Општина Липково. На ваков начин беше обезбедена репрезентативност на примерокот на цела територија на Република Северна Македонија.

Вкупниот број на ученици кои беа опфатени со истражувањето е 1631 ученик, од кој осум од нив не дале согласност да учествуваат во истражувањето, додека 1623 ученици се согласиле и учествувале во истото. Тоа значи дека примерокот во истражувањето се состои од N=1623 испитаници.

Инфографик

Метод на прибирање податоци и структура на прашалникот

Прибирањето на податоците од учениците беше реализирано преку претходно подготвен анкетен прашалник поставен на онлајн платформа (Survey Monkey). На почетокот на анкетниот прашалник јасно се објаснети целите на истражувањето, составот на истражувачкиот тим, анонимноста на истражувањето и е наведено дека сите ученици кои доброволно ќе се согласат, ќе учествуваат во истражувањето.

Анкетниот прашалник се состои од 51 прашање (од затворен и полуотворен тип) поделени во четири дела:

  • Дел I – Општи информации за испитаниците;
  • Дел II – Употреба на дигитални платформи;
  • Дел III – Сајбер насилство;
  • Дел IV – Едукација и превенција.
Метод на прибирање податоци и структура на прашалникот