За реализација на истражувањето и постигнување на поставените цели и задачи беа избрани 32 основни и средни училишта на подрачјето на осумте плански региони во Република Северна Македонија (по две основни и две средни училишта од секој плански регион, односно по 16 основни и 16 средни училишта вкупно) и беше добиена дозвола од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, по претходно барање на истражувачкиот тим.
Пред почетокот на теренското истражување беше изработен протокол за реализација на истото. Во него е објаснета целта на истражувањето; целната група; одредени етички аспекти; како и процедурата за теренско спроведување на истражувањето во пет чекори.
Изборот на примерокот на ученици кои учествуваа во истражувањето беше повеќеетапен намерен, со планирани по 50 ученици од најбројните училишта во двете најбројни општини од секој плански регион, при што се водеше сметка за приближно еднаква полова дистрибуција. Исклучок претставува Североисточниот регион, каде Крива Паланка е трета најбројна општина, а беше избрана откако истражувачкиот тим не успеа да оствари контакт со двете училишта во Општина Липково. На ваков начин беше обезбедена репрезентативност на примерокот на цела територија на Република Северна Македонија.
Вкупниот број на ученици кои беа опфатени со истражувањето е 1631 ученик, од кој осум од нив не дале согласност да учествуваат во истражувањето, додека 1623 ученици се согласиле и учествувале во истото. Тоа значи дека примерокот во истражувањето се состои од N=1623 испитаници.