Проф. д-р Ице Илијевски е роден на 29.06.1986 година во Битола. Основно и средно образование завршил во Битола. Дипломирал на Факултетот за безбедност - Скопје, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола во ноември 2008 година. Магистерскиот труд со наслов „Извори на финансирање тероризам - криминалистички, криминолошки и кривично-правни карактеристики“ го одбранил во јуни 2011 година, а докторската дисертација со наслов „Контрола и надзор врз безбедносниот систем на Република Македонија - со посебен осврт на МВР“ во декември 2014 година и се здобива со научно звање доктор на науки од областа на безбедноста.
Проф. д-р Ице Илијевски 10 години работел на Факултетот за безбедност – Скопје како демонстратор, помлад асистент, асистент и доцент. Сега е редовен професор на Правниот факултет - Кичево на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Тој има напишано повеќе книги, делови од книги, прирачници, трудови и статии од областа на безбедноста како автор и коавтор и бил учесник на многу национални и меѓународни научни конференции, семинари, симпозиуми и сл. Учествувал во проекти преку спроведување на анкети и истражувања за перцепциите на граѓаните за безбедноста и владеењето на правото во државата.
Вештак од областа на безбедноста и поранешен член на Советот за граѓански надзор формиран од Собранието на Република Северна Македонија. Неговото поле на интерес е контрола и надзор над безбедносниот систем, борба против различни видови илегална трговија, тероризам, корупција и организиран криминал.