Д-р Ивона Шушак Лозановска е родена на 31.07.1987 година во Битола.
Своето образование го започнува на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде дипломира, а потоа продолжува со магистерски студии по казнено право на истиот факултет. Докторски студии запишува на Факултетот за безбедност – Скопје, каде докторира во 2020 година стекнувајќи се со назив доктор на безбедносни науки.
Професионалната кариера ја започнува како адвокатски приправник и стручен соработник во нотарска канцеларија, а од 2012 година е дел од академскиот кадар на Правен факултет- Кичево, каде напредува од помлад асистент до вонреден професор во областа на криминологија и детско престапништво.
Од 2023 година на факултетот ја извршува функцијата продекан за настава.
Таа е и координатор на Правната клиника и Школата за стручно усовршување на правници при Правниот факултет - УКЛО, основач на Центарот за истражувања и анализи „Легатус“ и активен член на повеќе стручни и граѓански здруженија, меѓу кои и Здружението за кривично право и криминологија, Македонското научно друштво и Rotary Club Bitola Pelister.
Сертифицирана е како тренер од Советот на Европа и Адвокатската комора за работа со деца во правосудството и е член на Националното координативно тело за бесплатна правна помош во Северна Македонија.
Покрај наставно-научната дејност, таа е активен истражувач со вкупно 43 објавени научни трудови и 4 публикации.
Учествувала на бројни научни конференции и обуки во земјата и странство, а била и дел од истражувачките тимови на повеќе универзитетски и меѓународни проекти.