Како да го запреме онлајн-насилството

By alfa4 , 23 Април 2026
Како да го запреме онлајн-насилството, без да се откажеме од пристапот до Интернет?
Да се биде онлајн ни носи голем број придобивки. Сепак, како и со многу други работи во животот, да се биде онлајн со себе носи и ризици од кои мора да се заштитиш.

Ако доживуваш онлајн-насилство, можеби ќе треба да избришеш одредени апликации или да бидеш офлајн некое време, за да си дадеш време за закрепнување. Но исклучувањето од Интернетот не е долгорочно решение. Ти не си направил/а ништо лошо, зошто тогаш ти да бидеш обесправениот/ата? Тоа дури може на силеџиите да им прати погрешен сигнал – само ќе го поттикнеш нивното неприфатливо однесување.

Сите ние сакаме онлајн-насилството да запре, а тоа е една од причините зошто е важно да се пријавуваат таквите случаи. Но за создавањето на Интернет каков што посакуваме, потребно е повеќе од едноставно посочување на силеџиството. И самите треба да размислуваме што споделуваме или кажуваме за да не повредиме други. Треба да бидеме љубезни едни со други, и онлајн, и во реалниот живот. Од сите нас зависи!

Facebook / Instagram / Threads

Континуирано развиваме нови технологии за да поттикнеме позитивна комуникација и да реагираме на штетна содржина, како и нови алатки што им даваат поголема контрола на луѓето врз нивното онлајн искуство. Еве дел од нив:

  • Предупредување за коментари: Кога некој ќе напише опис или коментар кој нашата вештачка интелигенција го препознава како потенцијално навредлив или вознемирувачки, се појавува известување што го поттикнува корисникот да размисли и евентуално да го измени текстот пред објавување.
  • Контроли за коментари и пораки: Со функцијата Hidden words, која е вклучена како стандарден сетинг, се филтрираат коментари со навредливи зборови, фрази, емоџи или пораки од непознати лица. Можеш и сам/а да креираш листа со термини што не сакаш да ги гледаш – и тие нема да се појавуваат под твоите објави, а пораки со таква содржина ќе одат во посебно сандаче. Сите Instagram профили можат да ги исклучат DM-пораките од луѓе што не ги следат. Во Messenger можеш да „игнорираш“ разговор и тој автоматски ќе се премести надвор од сандачето, без да го блокираш испраќачот.
  • Блокирање и исклучување (mute): Секогаш можеш да блокираш или исклучиш профил што те малтретира. Лицето нема да биде известено за тоа. Дополнително, кога ќе блокираш некого на Instagram, имаш можност да блокираш и други профили што можеби ги има или ќе ги креира.
  • Restrict (Ограничување): Со оваа функција можеш тивко и дискретно да се заштитиш од несакани интеракции. Коментарите од ограничен корисник ќе бидат видливи само за него/неа. Можеш да одлучиш дали ќе ги видиш, одобриш, избришеш или игнорираш. Нема да добиваш нотификации од тие профили.
  • Limits (Ограничувања): Автоматски скриј коментари и DM пораки од лица кои не те следат или те следат од неодамна. Оваа алатка е корисна кога се соочуваш со наплив на несакани пораки.

Roblox

Roblox е посветен на создавање безбедна и пријателска платформа каде што луѓето можат да се поврзуваат додека играат, учат и создаваат. Обезбедуваме алатки за спречување на сајбер малтретирање, како што се блокирање и исклучување (mute), и користиме строги филтри во четот за да спречиме ширење на штетни пораки.

TikTok

Наш приоритет е да изградиме безбедна и пријатна средина каде што луѓето можат слободно и автентично да се изразат. Нашите Насоки за заедницата јасно наведуваат дека не толерираме срамење, малтретирање или вознемирување.

Користиме комбинација од технологија и тимови за модерирање за да препознаеме и отстраниме навредлива содржина или однесување.

Дополнително, обезбедуваме широк спектар на алатки за заедницата со кои корисниците имаат контрола – од тоа кој може да гледа и комуницира со нивната содржина, до филтрирање коментари. Повеќе информации можеш да најдеш тука: TikTok Safety Center

X (поранешен Twitter)

Секој ден стотици милиони луѓе споделуваат идеи на X, и сосема е нормално што не се согласуваме секогаш. Придобивката од јавната дебата е што можеме да учиме од различни мислења и ставови – сè додека тие се изразени со почит.

Но ако, по некое време, повеќе не сакаш да слушаш одреден корисник, тоа е во ред. Нивното право да се изразуваат не значи дека мораш да ги слушаш. Ако добиеш одговор кој не ти се допаѓа, можеш да престанеш да го следиш тој профил и да ја прекинеш комуникацијата. Ако однесувањето продолжи, се препорачува да го блокираш тој профил. Ако добиваш упорни, несакани и насочени пораки, можеш да го пријавиш однесувањето тука Report to X

Работиме и проактивно за да ги заштитиме корисниците преку комбинација на човечка проценка и технологија.

Можеш и да ги заштитиш своите објави, така што ќе бидат видливи само за твоите следбеници. Во тој случај, секој што ќе сака да те следи мора да добие одобрување од тебе.